Во рамки на програмата за целосен развој на младите фудбалери, со дел од децата од генерација 2015 беше реализирана работилницата „Кога тимот е семејство“, активност насочена кон зајакнување на психолошката стабилност и тимската динамика кај децата.

Работилницата имаше за цел да поттикне чувство на сигурност и припадност во групата, да ја продлабочи меѓусебната доверба и да ја развие свесноста за важноста на тимската поддршка. Преку структуриран и интерактивен пристап, децата работеа на разбирање на својата улога во тимот, на градење позитивна комуникација и на препознавање на сопствените и туѓите емоции.

Посебен фокус беше ставен на јакнењето на самодовербата и внатрешната мотивација, фактори кои директно влијаат врз настапот на теренот, но и врз однесувањето и одлуките надвор од него. Во оваа возраст, развивањето здрав однос кон успехот, неуспехот, соработката и одговорноста претставува основа за понатамошен спортски и личен напредок.

Работилницата ја водеше Ива Здравковска, спортски психолог, која преку професионален пристап овозможи децата да учат во безбедна и поддржувачка средина.

Ваквите активности се важен дел од нашата методологија, бидејќи веруваме дека силен тим не се гради само преку тактичка подготовка и техничка работа, туку и преку развој на карактер, емпатија и меѓусебна почит. Фудбалот е колективна игра, а чувството дека тимот е „семејство“ создава стабилна основа врз која се градат и резултатите и личноста.