Млади голмански надежи од целата земја се собраа на едно место за еден поинаков фудбалски предизвик, создаден целосно околу позицијата која има една од најспецифичните и најодговорните улоги на теренот.
Во текот на настанот имавме можност да видиме многу повеќе од атрактивни одбрани. Видовме прецизност, реакција, игра со нога, поставување, носење брзи одлуки, дуели еден на еден и желба секој следен обид да биде подобар од претходниот.
Токму тоа беше и идејата зад Masters Keepers Clash 600: да го погледнеме голманот како комплетен играч, а не само низ бројот на примени или одбранети голови.

6 дисциплини. 600 поени. Комплетна слика за голманот.
Концептот на Keeper Clash 600 беше изграден околу шест различни дисциплини, при што секоја носеше максимум 100 поени. На тој начин, конечниот резултат не зависеше од една одбрана или една силна страна, туку од континуитетот, приспособливоста и квалитетот покажан низ различни голмански ситуации.
Дисциплините беа осмислени да опфатат различни сегменти од современата голманска игра.
Во Pass Master, на пример, голманите имаа 30 секунди да одиграат осум топки кон осум различно поставени мали голови. На овој начин се тестираа прецизноста на пасот, техниката на удар, брзото носење одлуки и способноста да се започне напад под временски притисок.
Во Breakaway Master 1v1, пак, истиот учесник беше поставен од двете страни на ситуацијата, и како напаѓач и како голман. Се оценуваа контрола и водење на топката, дриблинг, реализација, позиционирање, скратување на аголот, реакција и тајминг на излегување.
Токму комбинацијата на различни задачи овозможи голманите да покажат дека нивната улога во модерниот фудбал е многу поширока од стоењето меѓу стативите.

Голманот е многу повеќе од последната линија на одбраната
Голманската позиција е специфична затоа што бара технички способности, физичка подготвеност, тактичко разбирање и ментална стабилност во ист момент.
Затоа веруваме дека развојот и проценката на младите голмани не треба да се сведуваат само на едно прашање:„Колку голови прими?“Важно е и како голманот ја чита ситуацијата, како започнува напад, како игра со нога, како реагира во директен дуел, кога одлучува да излезе од голот и колку стабилно ги изведува различните задачи.
Токму на таа идеја беше поставен и официјалниот систем на Masters Keepers Clash 600: победникот да не се одредува според една дисциплина, туку преку вкупниот број освоени поени низ сите шест предизвици.

Три категории, многу млади голмански надежи
На Masters Keepers Clash учествуваа млади голмани поделени во три возрасни категории: U9–U10, U11–U12 и U13–U14. За секоја категорија беше предвиден посебен победник, додека вкупните бодови од сите дисциплини го формираа и генералниот пласман.
Но она што особено го одбележа денот беше можноста на едно место да се соберат деца кои ја делат истата страст кон една многу специфична позиција. Да се запознаат. Да се тестираат. Да учат едни од други. И, пред сè, да уживаат во еден фудбалски ден создаден токму за нив.

Почеток на една нова голманска приказна
Првото издание ни покажа дека младите голмани заслужуваат повеќе вакви можности. Место каде нивната работа ќе биде видена во целост. Каде одбраната е важна, но подеднакво важни се и техниката, играта со нога, брзината на одлучување, стабилноста и начинот на кој голманот учествува во целата игра.
Благодарност до сите млади голмани од цела Македонија кои го прифатија предизвикот, до нивните родители, тренери, клубови, нашите волонтери од Villarreal Masters Academy и сите кои помогнаа првото издание да помине повеќе од одлично.
Ова беше првиот Masters Keeper Clash 600. Но според енергијата што ја видовме на теренот, приказната само што започна.
6 дисциплини. 600 поени. 1 Master Keeper.
