Во рубриката “Јас и фудбалот” ја запознаваме Вероника Миноска, млада фудбалерка која со голема љубов, посветеност и големи соништа чекори по својот фудбалски пат.
Кога прв пат почна да играш фудбал?
- Почнав да играм фудбал на 8 години, односно пред 5 години.
Кој те поддржа најмногу да почнеш да тренираш?
- Најголема поддршка ми даваат моите родители. Тие секогаш ми даваат безрезервна поддршка, што ја зголемува мојата сигурност и самодоверба.

Што те прави најсреќна на тренинг?
- Најсреќна сум кога играме фудбал, затоа што тогаш најмногу уживам.
Што најмногу ти се допаѓа во нашата академија?
- Во мојата академија најмногу ми се допаѓаат тренинзите на кои се работи посветено, бидејќи само така секој играч може да ги усоврши своите вештини и да стане подобар.
Кој ти е омилен фудбалер/фудбалерка?
- Мој омилен фудбалер е Lionel Messi, а омилена фудбалерка ми е Alexia Putellas.
На која позиција најмногу сакаш да играш?
- Најмногу сакам да играм во средина на теренот, затоа што сакам да учествувам во креирање на акции и да ги разигрувам соиграчите.
Што сонуваш да станеш еден ден?
- Уште од мала сонувам да станам професионална и успешна фудбалерка. Верувам дека сум на тој пат и сигурна сум дека со труд и посветеност ќе го остварам својот сон.
Што би им препорачала на други девојчиња што сакаат да почнат да играат фудбал?
- Ги охрабрувам сите девојчиња кои што ја сакаат фудбалската игра, да веруваат во себе и да започнат да тренираат фудбал. Девојчињата можат да бидат исто толку успешни и посветени како и момчињата. Само верувајте во себе, тренирајте посветено и резултатите ќе дојдат.