Во рамки на нашата серија интервјуа, ви го претставуваме Игор Тасевски, поранешен македонски голман и дел од стручниот тим на Villarreal Masters Academy.
Игор зад себе има богата играчка кариера во неколку домашни клубови, меѓу кои Македонија ЃП, Работнички, Металург и Вардар, а повеќе од 10 години е лиценциран тренер на голмани, со искуство во работа со сите возрасни категории – од најмладите до професионални голмани.
Неговата тренерска кариера вклучува и значајно искуство во младинските репрезентации на Македонија, а во моментов е активен тренер на голмани на репрезентацијата до 17 години. Дополнително, има работено како тренер на голмани во првите екипи на ФК Вардар, ФК Шкупи и ФК Македонија ЃП.
Во интервјуто, Игор зборува за развојот на младите голмани, важноста на менталната подготовка и пристапот кон создавање сигурни, самоуверени чувари на мрежата од најрана возраст.

- Каква е улогата на голманот во модерниот фудбал и зошто е важно тој да се развива од најрана возраст?
Улогата на голманот во модерниот фудбал е многу поразлична и поодговорна од претходно. Од моментот на менување на правилото за игра со нога, тој повеќе не е само чувар на голот туку активен учесник во играта кој ја организира одбраната, го започнува нападот и дава психолошка стабилност на тимот. Со тоа што голманот се повеќе станува играч во поле се наметнува потребата од пошироки технички знаења. Затоа е важно развојот да започне од најмала возраст, за младите спортисти навреме да ја прифатат правилната техника, играта со двете нозе и целосно разбирање на одговорноста на позицијата голман во современиот фудбал.
- Каков е твојот пристап во работата со младите голмани во Villarreal Masters Academy? На што ставаш најголем акцент?
Мојот пристап е индивидуален и прилагодлив на секое дете според нивото и возраста. Во Villarreal Masters Academy се става акцент на правилната техника, кординација, основните голмански движења и играта со нога, но исто така и на забавни и креативни игри кој го стимулираат детето да ужива и забавува за време на тренингот. Паралелно работиме на градење на способностите за проблемите да се решаваат ефикасно во реално време. Голманите учат како да размислуваат брзо, да читаат ситуации и да реагираат не по инерција туку со целосна свесност. Визуелизација и двојни задачи (dual-task) тренинг програма која овозможува мозокот и телото да работат како едно. Овие методи допринесуваат за носење добри одлуки, зголемување на фокусот и самодовербата-клучни елементи за секој модерен голман.

- Кои се најчестите грешки што ги прават младите голмани и како се работи на нивно надминување?
Најчестите грешки кај младите голмани се: лошо позиционирање односно статичко стоење и реагирање предоцна, слаба пас игра, страв да играат под притисок при градење на напад, фокусирање на падот ( нуркањето). а заборавање на чекорот и поместувањето, лоша комуникација со екипата.
Како ги надминуваме: многу вежби за работа со нозе кординација и брзо поместување, игри на скратен простор 4v3 / 5v4 за да се навикнат на притисокот, учење техника па пад и брзо станување, постојана комуникација на тренинг за да станува навика.
- Колку е важна менталната подготовка за еден голман и како им помагаш на децата да изградат самодоверба на теренот?
Голманот е изложен на голем притисок поради тоа што секоја негова грешка е видлива. Затоа работиме на градење на самодоверба со позитивна комуникација и поставување реални цели. Славиме мали победи 🙂, успешни акции на тренинг, добра одбрана, добро позиционирање и комуникација. Создаваме култура каде грешката е нормален дел од учењето, а не катастрофа. Изложување на притисок на тренинг за да се навикнат младите спортисти на тензија во безбедна средина. Колку повеќе успеваат во тренингот да се снајдат под притисок толку повеќе самодоверба ќе носат на натпреварот.

- Што можат родителите да очекуваат од голманските тренинзи и каква порака би им испратил на децата кои сонуваат да застанат меѓу стативите?
Родителите може да очекуваат индивидуален пристап и внимание кон секое дете. Долгорочен развој, а не моментални резултати бидејки голманот се создава и гради трпеливо низ години. Секако една од најважните цели преку спортот да пробаме да направиме здрави личности и јаки карактери кој утре многу полесно ќе се справуваат со животните предизвици. Порака за децата да бидат храбри лидери, бидејки голманите се херои кој го менуваат текот на натпреварот со една одбрана. Да веруваат во себе и да не се плашат од грешки, затоа што кај нас во Villarreal Masters Academy грешките се учење, а никако казна.