Колку е важна психолошката подготовка во развојот на младите фудбалери?

Како се гради самодоверба? И како родителите и тренерите можат најдобро да ги поддржат децата во нивниот спортски раст?

Во новото интервју разговараме со Ива Здравковска, спортски психолог, за менталната сила, тимската поврзаност и улогата на емоционалната стабилност во спортот.

Затоа што успешен фудбалер не се гради само со тренинг, туку и со правилна поддршка, разбирање и работа одвнатре.

  • Зошто е важна работата со спортски психолог кај деца што тренираат фудбал?

 

Кај децата, паралелно со развојот на техниката и физичката подготвеност, се развиваат и самодовербата, емоционалната регулација, дисциплината и начинот на размислување. Менталните вештини како концентрација, справување со притисок и верба во себе не се вродени, туку тие се учат и се тренираат. Колку порано почнеме да ги развиваме, толку постабилна основа градиме за нивниот спортски и личен развој.

 

  • Што најчесто им недостасува на младите спортисти – самодоверба, концентрација, мотивација?

 

Не би рекла дека им „недостасува“, туку дека овие фактори сè уште се во развој. Кај младите фудбалери најчесто варира самодовербата. Денес се чувствуваат непобедливи, утре по една грешка ја губат вербата во себе. Концентрацијата исто така е предизвик, особено во натпреварувачки услови. А мотивацијата најчесто постои, но треба да се насочува правилно, кон учење и напредок, а не само кон резултат.

 

  • Дали психолошката подготовка може да влијае на перформансот на теренот?

 

Апсолутно. Перформансот е директно поврзан со тоа како играчот размислува и како ги доживува ситуациите на теренот. Играч кој знае да ја контролира тремата, да остане фокусиран и да се врати по грешка, има значително постабилен настап.
Физичката и психолошката подготовка се подеднакво важни.

 

  • Како се гради здрава самодоверба кај млад фудбалер?

 

Здрава самодоверба не се гради со пофалби без основа, туку со процес. Таа се гради преку:

– реални и достижни цели
– фокус на процесот, а не само на резултатот
– учење од грешките
– поддршка од тренерот и родителите
– работа со стручни лица.
Важно е детето да научи дека неговата вредност не зависи од еден натпревар или еден резултат.

 

  • Што кога детето се плаши да направи грешка?

 

Стравот од грешка најчесто доаѓа од страв од осуда или разочарување. Кога детето игра „за да не згреши“, тогаш не игра слободно. Во такви ситуации работиме на тоа грешката да се доживува како дел од учењето. Најдобрите играчи не се тие што не грешат, туку тие што најбрзо се опоравуваат по грешка.

 

  • Кои се најчестите грешки што родителите несвесно ги прават?

 

Најчесто тоа е прекумерен фокус на резултатот, споредување со други деца и преголеми амбиции од рана возраст. Понекогаш несвесно создаваат притисок преку прашања како: „Зошто не даде гол?“ или „Зошто не ме слушаше кога викав?“
Децата најмногу имаат потреба да почувствуваат безусловна поддршка, а не дополнителен притисок.

 

  • Како родителите можат најдобро да го поддржат своето дете?

 

Со тоа што ќе бидат емоционално стабилна поддршка. Наместо анализа на играта веднаш по натпревар, подобро е да прашаат: „Дали уживаше?“ или „Што научи денес?“. Дополнително, да дадат поддржувачки коментар како: „Супер беше!“ или „Те гледав како се трудиш. Браво!“. Поддршката значи доверба во процесот, во тренерот и во детето.

 

  • Колку е важна комуникацијата меѓу тренер и играч?

 

Комуникацијата е клучна. Тренерот не е само тренер, тој е и најсилен психолошки фактор во развојот на млад спортист. Начинот на кој тренерот дава повратна информација може да ја изгради или да ја наруши самодовербата. Кога комуникацијата е јасна, искрена, почитувачка и конструктивна, детето напредува не само како играч, туку и како личност.

 

  • Што значи „тимот е семејство“ од психолошки аспект?

 

Од психолошки аспект, тоа значи чувство на припадност, сигурност и меѓусебна доверба. Кога детето се чувствува прифатено во тимот, неговата самодоверба расте, а стравот од грешка се намалува. Тимот не е само група што тренира заедно, туку средина во која се учат емпатија, одговорност и соработка.

 

Дали имате прашања ?

Слободно можете да не контактирате на следниов линк

Пратете не на:

Придружи се на патувањето

Стани дел од теренот и откриј го својот целосен потенцијал.