Пишува Ива Здравковска, спортски психолог

 

Работејќи како спортски психолог со деца, секојдневно гледам нешто што често се потценува. Родителите се најважниот „невидлив тренер“ во развојот на едно дете спортист. Не само преку поддршката што ја даваат, туку и преку начинот на кој реагираат, зборуваат и поставуваат очекувања.

 

Прашањето не е дали родителите влијаат, туку како влијаат.

 

Истражувањата во спортската психологија јасно покажуваат дека стилот на родителство директно влијае врз мотивацијата, самодовербата и уживањето во спортот кај децата. Според теоријата за самодетерминација (Deci & Ryan), децата напредуваат најмногу кога се исполнети три основни психолошки потреби:

 

  • чувство на компетентност (да се чувствуваат способни)
  • автономија (да имаат чувство дека избираат)
  • поврзаност (да се чувствуваат поддржани и прифатени).

 

Кога родителите несвесно ги нарушуваат овие три потреби, детето може да почне да го доживува спортот како обврска, а не како радост.

 

Што прават родителите што ПОМАГА?

Од мојата пракса, но и од истражувањата, се издвојуваат неколку клучни однесувања:

 

  1. Фокус на трудот, не на резултатот

Кога родителот ќе каже: „Горд/а сум на тоа колку се трудеше“, наместо „Зошто не даде гол?“, детето учи дека вредноста не му зависи од резултатот. Ова создава долгорочна мотивација и отпорност.

 

  1. Емоционална стабилност по натпревар

Децата многу внимателно ги читаат реакциите на родителите. Смирен родител = сигурно дете. Дури и кога има пораз, реакција како: „Ајде ќе збориме кога ќе посакаш“ создава простор за здраво процесирање.

 

  1. Поддршка без контрола

Децата кои имаат чувство дека тие го избрале спортот имаат поголема внатрешна мотивација. Родителот треба да води, но не и да управува.

 

  1. Реални очекувања

Не секое дете ќе стане професионален спортист. И тоа е во ред. Кога очекувањата се усогласени со возраста и развојот, детето се чувствува безбедно да греши и да учи.

 

Што прават родителите што ОДМАГА?

Ова се однесувања кои често ги гледаме, со добра намера, но со негативен ефект:

 

  1. Постојана критика и анализирање

Коментари веднаш по натпревар како: „Зошто не додаде?“, „Не беше доволно добар/ра“. Ја намалуваат самодовербата и создаваат анксиозност.

 

  1. Живеење „преку“ детето

Кога родителот несвесно ги проектира своите неостварени амбиции, детето чувствува притисок кој не е негов.

 

  1. Споредување со други деца

„Види го тој колку е подобар“. Создава чувство на недоволност и ја руши внатрешната мотивација.

 

  1. Преголем фокус на победа

Истражувањата покажуваат дека деца кои се во „win-at-all-costs“ средина имаат поголема веројатност да се откажат од спорт на рана возраст.

 

Што всушност им треба на децата?

На децата не им треба „совршен“ родител.

Им треба некој што ќе ги слушне, некој што ќе ги поддржи и кога губат, некој што ќе верува во нив, без услови.

Најсилната порака што едно дете може да ја добие е: „Те сакам и се гордеам со тебе без разлика на резултатот.“.

И можеби најважното прашање што секој родител може да си го постави после секој натпревар е: „Дали мојата реакција му помогна на моето дете да го сака спортот повеќе или помалку?“.

 

 

Дали имате прашања ?

Слободно можете да не контактирате на следниов линк

Пратете не на:

Придружи се на патувањето

Стани дел од теренот и откриј го својот целосен потенцијал.